Велес – стожер на културата
Сокриен како бисер во прегратките на Таорската клисура, проткаен со свежината на три реки, Велес е срцето на македонската култура. Дваесет и тривековната историја оставила вечни белези во овој древен град што слоевито ја отсликува македонската културна димензија низ поетични предели, естетиката на староградска архитектура и мистериите на манастирите и црквите. Од автентичната куќа што лебди – некогашен дом на семејството Касапови, необичната куќа на првиот македонски драматург Јордан Хаџи Константинов – Џинот, до песната на каменот во куќата на златоустиот македонски поет Коста Солев Рацин, Велес ги ткае блесоците на минатото низ ритамот на модерното време. Овој град – музеј над кој стражарат древната саат кула од отоманскиот период и грандиозната Спомен-костурница како паметник на премрежијата од Втората светска војна, во себе ги чува моментите на растеж и непокор на македонскиот народ. Велес е град на првиот македонски драмски текст, првата гимназија, првата библиотека, првото музичко училиште, првиот музеј, првата актерка што застанала на театарската сцена. Град во кој ќе го откриете најграндиозниот македонски мозаик на Петар Мазев, но и уникатни фрески од XIII век во манастирот Св. Димитрија каде библиските сцени ќе Ве освојат со еден поглед.
Овде можете да се восхитувате на златните пропорции и акустиката во храмот посветен на Св. Великомаченик Пантелејмон, да ја доживеете вистинската неостварена љубов на најголемиот македонски поет Коста Солев Рацин, да се прошетате по старите сокаци, да истражувате во древните пештерски цркви, да го слушнете звукот на чалгијата и да уживате во гурманските традиции.
На зајдисонце, можете да ги допрете спокојот и убавината крај езерото Младост, првата СМАРТ туристичка атракција, да ги вкусите вината во винариите „Шато Сопот“ и „Тристо“ или да ги откриете тајните на кањонот Пешти и незаборавните пејсажи по текот на реката Тополка.
Овде започнува патот во земјата на виното и медот – земјата на вистинските приказни и безвремената поезија.