НЕГОТИНО
Тајната на виното и медот
Ако сте љубител на природата, на нејзините фасцинантни тајни, во село Вешје, Неготино ќе го најдете најголемиот пријател на човекот и глобалните екосистеми. Ова е малечок рај за пчелите и пчеларите, за сите оние што се грижат балансот во природата да игра точно според ритамот на бакнежот на сонцето и земјата. Овој современ апи-центар што можете лично да го доживеете е едно од светските засолништа на пчелите, најзначајните суштества на планетата земја. Овде за еден миг можете да го живеете животот на пчеларите, да го откриете животот на пчелите и да го следите нивниот неуморен лет низ полињата. Овде, во Неготино, златестите нијанси на медот се прелеваат со вкусот на автентичните сорти грозје. Овде, историските и човечките приказни се мешаат со трепетот на крилјата на малечките – грандиозни пчели. Овде, во блесокот на чашата ќе го откриете раскошното буке во вината на реномираните винарии „Бовин“ и „Венец“. Токму овде, во Неготино, ќе ги слушнете автентичните приказни, ќе ги сретнете љубезните домаќини и со насмевка и надеж ќе зачекорите во земјата на медот и виното.